
Актуелните шампиони, Џилонг Кетс, ја започнаа новата сезона на непосакуван начин.
Имено, во вториот натпревар од новото првенство, ,,Мачките” загубија во дербито на Мелбурн од Колингвуд Мегпајс со (16.7) 103-125 (19.11).
Во првото полувреме, Џилонг, во три наврати водеше со +21 што прерасна до +22 во третата четвртина, но во последниот квартал, ,,Страчките” направија серија од 32-0 и ја презедоа предноста во свои раце.
Од напаѓачки аспект, во редовите на номиналните домаќини, по два гола постигнаа шест различни фудбалери, односно Том Хокинс (2.2), Џереми Камерон (2.1), Гери Роан (2.0), Тајсон Стенгл (2.0), Зек Туи (2.0) и Оливер Хенри (2.0).
На спротивната страна, двајца играчи запишаа хет-трик – Боби Хил (3.0) и Џордан Де Гој (3.0).
Иако ова беше втор овосезонски натпревар, сепак Џилонг и Колингвуд се првите екипи со пораз, односно со победа, бидејќи во увертирата, Ричмонд Тигерс и Карлтон Блус ремизираа со 58-58.