
Во саботната програма од триесет и првото коло на шкотскиот Премиершип, Рос Каунти го совлада Ст. Џонстон со 2-0 и стекна предност од пет поени во однос на последнопласираниот тим – Данди Јунајтед.
Сепак, еден ден подоцна, ,,Портокалово-црните” го намалија својот заостаток на два поени, остварувајќи важна победа од 2-1 над Хиберниан.
Имено, момците од ,,Тенадајс Парк” славеа во лигата за првпат после три месеци, откако Џејми МекГрат реализираше од белата точка во последната минута.
Претходно, во првото полувреме, Стивен Флечер (8′) им донесе водство на домаќините, а во вториот дел, на 1-1 израмни Микола Кухаревич (70′).
На само две кола пред крајот на првиот дел од сезоната, Данди Јунајтед сè уште се наоѓа на дното, но ќе води директна битка за опстанок со Рос Каунти и со Килмарнок, кои имаат два, односно три бода предност.
Од друга страна, засега, Хиберниан го држи шестото место, но нема обезбеден статус во горната половина од табелата.