Реваншот на првиот полуфинален дуел од плејофот на Чемпионшип помеѓу Брентфорд и Свонси се одигра на легендарниот стадион „Грифин Парк“. Овој стадион е дом на Брентфорд уште од 1904 година, а овој натпревар беше последен на неговиот тревник. Имено, од наредната сезона, Брентфорд ќе се пресели на новиот и модерен „Брентфорд Комунити Стадиум“ што ќе го остави „Грифин Парк“ во историјата.
На првиот меч, Свонси, во Велс, успеа да дојде до победа од 1-0 со голот на Андре Ају во 82. минута. На истиот натпревар, дефанзивецот на Брентфорд, Рико Хенри, доби контроверзен црвен картон што беше анулиран од ФА после само еден ден.
Денешниот дуел почна со пеколно темпо. Брентфорд имаше вкупна резултатска позитива после само петнаесет минути игра со головите на Оли Воткинс, по неверојатната асистенција на Матијас Јенсен, во единаесеттата минута и на Емилијано Маркондес четири минути подоцна.
Уште во воведните секунди на вториот дел, Брајан Мбеумо ја зголеми предноста на својот тим на 3-0 и го најави пласманот на „Вембли“. Во 78. минута, по грешката на Понтус Јансон, Рајан Брустер постигна одличен погодок и намали на 3-1 што накрај се испостави како конечен резултат.
Во финалето на „Вембли“, Брентфорд ќе го чека победникот од дуелот помеѓу Фулам и Кардиф. На тамошниот прв натпревар, Фулам славеше на гости со 0-2.