
За првпат после 1993, односно уште пред ерата на сопственикот Роберт Крафт, Њу Ингланд Патриотс ги загубија првите три мечеви од сезоната на домашен терен.
Синоќа, кобен по ,,Патриотите” беше нивниот долгогодишен и легендарен квотербек, Том Брејди, кој за првпат гостуваше на ,,Џилет Стадиум” и ги предводеше Тампа Беј Баканирс до победа од 17-19.
На овој меч, Брејди го помина рекордот на Дру Брис за најмногу освоени јарди со додавање во историјата на НФЛ (80 358), а исто така стана и четвртиот квотербек што триумфирал против сите 32 екипи од лигата после Брет Фавр, Дру Брис и Пејтон Менинг.
Брејди, синоќа, освои 269 јарди со додавање од 22/43 обиди, но единствениот тачдаун на Тампа беше дело на Роналд Џонс со пробивање.
За сите останати единаесет поени, главен ,,виновник” беше шутерот Рајан Сакоп, кој освен еден екстра-поен, имаше учинок од 4/5 за филд-голови.
Неговиот колега на спротивната страна, Ник Фолк, имаше стопроцентен натпревар сè до последната минута, кога промаши клучен и потенцијално победоносен филд-гол.
Од неговите соиграчи, Хантер Хенри и Џону Смит фатија додавање за тачдаун од страна на квотербекот Мек Џонс, кој имаше 275 освоени јарди, но и еден пресечен пас.
После летири кола, Патриотс (1-3) се наоѓаат во долната половина на АФК, додека во НФК, Баканирс (3-1) го заземаат четвртото место.
Во соработка со НФЛ Македонија



