Во четиринаесеттото коло од аргентинската Лига Професионал, вечното дерби помеѓу Ривер Плате и Бока Јуниорс се одигра пред навивачи после 582 дена.
На него, за првпат после 2 октомври 2019, со триумф замина Ривер, кој славеше со резултат од 2-1.
Херој на ,,Црвено-белите” беше 21-годишниот напаѓач, Џулијан Алварез (25′, 43′), кој за осумнаесет минути, двапати го матираше Агустин Роси.
Сепак, на неговите погодоци им претходеа двата жолти картони во интервал помал од една минута на Маркос Рохо (16′), при кои Бока остана со десетмина на теренот.
Во второто полувреме, номиналните домаќини ја продолжија својата доминација, но сепак Јуниорс беа оние што постигнаа погодок.
Имено, после корнер во четвртата минута од судиското продолжение, резервистот од клупата, Карлос Замбрано, го запиша дебитантскиот гол во сино-жолтиот дрес.
На табелата, со натпревар повеќе во однос на Таљерес Кордоба, Ривер го држи првото место, додека Бока падна на деветтата позиција.