
На последните петнаесет средби од сите натпреварувања, екипата на ПАОК има тринаесет победи и само две ремија.
Синоќа, во рамките на деветнаесеттото коло од грчката Супер лига, ,,Црно-белите” славеа над Панатинаикос со 0-3.
На мечот, гостите од Солун беа далеку подобар ривал и поведоа во финишот на првото полувреме со бизарниот автогол на Рубен Перез (44′).
Предноста на победничкиот состав ја удвои Андрија Живковиќ (46′) после само 12,8 секунди од почетокот на вториот период, а конечниот резултат го постави Јанис Константелијас (52′) со дебитантскиот погодок во лигата.
Нервозата кај домаќините беше сè поприсутна, а кулминираше со вториот добиен жолт картон на Барт Шенквелд (90+1′) во судиското надополнување.
Панатинаикос влезе одлично во новата сезона, но од паузата за Светското првенство, неговиот ритам во потполност се изгуби.
Имено, ,,Зелено-белите” веќе имаат три порази во календарската 2023 и нивното водство на табелата изнесува само еден поен во однос на АЕК, односно шест поени во однос на ПАОК и на Олимпијакос.
Пред пет дена, на меѓусебниот дуел од четвртфиналето на Грчкиот куп, ПАОК славеше со 2-0, а реваншот ќе биде одигран во четврток.