Во рамките на 16. коло од тековната сезона во италијанската Серија А се соочија Каљари и Беневенто.
За нив, ова беше вкупно трет меѓусебен дуел, односно прв после двата во 2017/18 – единствената прволигашка сезона на Беневенто во клупската историја – кога Каљари победи двапати со 2-1.
Фудбалерите од Сардинија одлично го отворија и денешниот меч, со десеттиот овосезонски погодок на Жоао Педро (20′).
Од почетокот на минатата сезона, само Чиро Имобиле (46), Кристијано Роналдо (45) и Ромелу Лукаку (35) имаат постигнато повеќе погодоци од Жоао Педро (28) во Серија А.
Сепак, до крајот на првото полувреме, Беневенто направи целосен пресврт во интервал од три минути преку Марко Сау (41′) и Алесандро Туја (44′) што накрај се испостави како конечен резултат.
На пет минути до крајот, Каљари остана со десетмина на теренот, откако Наитан Нандез доби два жолти картони во иста минута поради фаул, односно поради приговор.
Со победата од 1-2, Беневенто скокна на десеттото место, а Каљари ја зазема 16. позиција со три бодови предност во однос на ,,црвената зона”.
📸 Mario Taddeo



