Јубилејната десетта локација во новата сезона и воедно прва во 2021 година во Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција беше хрватскиот Слјеме, во близина на Загреб, каде што се отскија третиот овосезонски слалом.
Накрај, со титулата ,,Снежен крал” се закити Германецот Линус Штрасер (2:01,30), кој ја оствари втората победа во кариерата, иако беше осми после првата серија. За Штрасер, ова е само втора победа во кариерата, односно прва после паралелниот слалом во Стокхолм пред четири години.
Во продолжение следуваа тројца Австријци, Мануел Фелер (+0,10), Марко Шварц (+0,16) и Микаел Мат (+0,46), а до најдобриот пласман во својата кариера во слалом стигна домашниот скијач, Филип Зубчиќ (+0,47), кој беше петти.
Голем дел од првопласираните после првото скијање кикснаа во второто. Помеѓу нив спаѓаат Клеман Ноел (+0,54), кој беше прв, а заврши седми; Хенрик Кристоферсен (+0,70), кој заврши десетти; второпласираниот Себастијан Фос-Солевааг (+0,84), кој го зазеде 13. место; како и фаворитот Алексис Пантуро (+1,24), кој стигна до 18. позиција.
Во женска конкуренција, трката во слалом на истата локација се одржа пред три дена, а по вторпат во низа, како ,,Снежна кралица”, ја напушти Хрватска Петра Влхова.
📸 Christophe Pallot/Agence Zoom