
Екипата на Колингвуд Мегпајс бележи слаби резултати и покрај високите очекувања, а цената за тоа ја плати тренерот Нејтан Бакли.
Бакли е поранешен играч на Колингвуд, а како селектор на овој состав беше назначен во 2012, притоа освојувајќи признание за тренер на годината во 2018, кога стигна до финалето.
Денес, 48-годишниот стратег ги предводеше ,,Страчките” за последен пат, соочувајќи се со апсолутните фаворити – Мелбурн Демонс.
Бајката на Бакли со ,,црно-белите” заврши со тешко освоена, но заслужена победа од (9.9) 63-80 (11.14).
Резултатот на мечот беше изедначен во текот на првите шеесет минути игра, а со серијата од 21-9 во четвртата четвртина, Мегпајс стигнаа до само четвртиот овосезонски триумф.
Од друга страна, после тринаесет одиграни средби, Мелбурн го запиша само вториот пораз и остана на врвот на табелата.
Што се однесува до Мегпајс, тие го заземаат шеснаесеттото место на табелата без изгледни шанси за плејоф.
На денешната средба, од составот на Мелбурн, единствен со два погодоци беше Лук Џексон (2.0).
На спротивната страна, одлични поентерски партии имаа Дарси Камерон (4.0) и Брејди Мајочек (3.1).