За првпат после 1993, Бафало Билс ќе играат во конференциско финале, откако, во дивизиската рунда, ги совладаа Балтимор Рејвенс со 17-3.
Одбраната на Билс беше најзаслужна за победата. Освен што дефанзивците допуштија само три поени (еден филд-гол на Џастин Такер непосредно пред полувремето), во потполност ја лимитираа играта со додавање и постигнаа еден тачдаун.
Имено, квотербекот на Рејвенс, Ламар Џексон, при резултат од 10-3, го уфрли првото пресечено додавање во црвената зона во својата кариера, кое заврши со враќање за тачдаун на Терон Џонсон од 101 јард.
Џексон го заврши мечот во последниот дел поради повреда, а дотогаш освои 162 јарди со додавање и 34 јарди со трчање. На негово место влезе Тајлер Хантли, кој уфрли 60 јарди од 6/13 обиди.
Од друга страна, не блескаше ниту нападот на домаќините, кои вкупно освоија 238 јарди. Квотербекот Џош Ален имаше 23/37 обиди за додавање и 206 освоени јарди, придружени со еден тачдаун во третата четвртина кон Стефон Дигс.
Поради неповолните временски услови, шутерите Тајлер Бас и Џастин Такер имаа драстично послаби партии од вообичаеното со по два промашени шутеви за три поени.
Во финалето на АФК, Бафало Билс ќе го чекаат победникот од дуелот помеѓу Канзас Сити Чифс и Кливленд Браунс.
📸 Rich Barnes-USA Today Sports
Во соработка со НФЛ Македонија