
Атланта Брејвс ги детронизираа актуелните шампиони, ЛА Доџерс, откако во полуфиналната серија ги елиминираа со вкупни 4-2.
Брејвс изборија прво финале после 1999, така што синоќа, на домашниот ,,Труист Парк”, славеа со резултат од 4-2.
Во првиот ининг, Ози Албис им донесе почетно водство на домаќините, а во првата половина од четвртиот период, на 1-1 израмни Треј Тарнер.
Веднаш потоа, предноста на Атланта порасна на 4-1, кога хоум-ран постигна Еди Росарио, додека на базите беа Тревис Д’Арно и Ехир Адријанза.
До крајот, Доџерс успеаја само да го намалат резултатот преку трчањето на Крис Тејлор, кој го запиша последниот овосезонски поен за претставниците на Лос Анџелес.
Во финалето, Атланта ќе ги одмери силите со Хјустон Астрос, кои со вкупни 4-2 ги отфрлија Бостон Ред Сокс.



