Првата велосипедска еднодневна трка, по прекинот на сезоната, беше престижната „Страде Бјанке“ одржана во Тоскана, Италија. Во превод, името на оваа трка значи „бели улици“ и е добиено од неасфалтираните патишта во регионот Крете Сенези што традиционално претставуваат една делница од патеката.
Минатата сезона, на „Страде Бјанке“ победи Французинот Жулиен Алафилип, а единствениот пат кога победи Италијанец датира од 2013 кога најбрз беше Морено Мосер.
Овогодинешното издание, вкупно четиринаесетто по ред, беше долго 184 километри и заврши во симпатичното гратче Сиена. Најбрз на оваа делница беше Вут Ван Аерт што вози за тимот на „Џамбо Визма“. 25-годишниот велосипедист ја помина патеката за време од 4:58:56 и стана третиот Белгиец што ја освоил оваа трка после Филип Жилбер (2011) и Тиесј Беноот (2018).
На второто место, со заостаток од половина минута, заврши Италијанецот Давиде Формоло (УАЕ Тим Емирејтс), а две секунди побавен од него беше Германецот Максимилијан Шахман (Бора-Хансгрое).
Во првите десет завршија и Алберто Бетиол (+1:31), Јакоб Фуглсанг (+2:55), Здењек Штибар (+3:59), Брент Букволтер (+4:25), Грег Ван Авермет (+4:27), Микаел Гогл (+6:47) и Диего Роза (+7:45).
Поради исцрпувачките временски услови, исцрпувачките искачувања на самата патека и отсуството на трки во последните четири месеци, потфрлија голем број на фаворити: Жулиен Алафилип, Петер Саган, Тиесј Беноот, Матеј Мохорич, Јан Тратник итн.