
Како и вообичаено, 46. коло од англискиот Чемпионшип ги носи најголемите возбуди.
Во сезоната 2020/21, првите две места, заедно со четирите патници во плејофот беа одамна познати, но битката за опстанок се водеше до последниот судиски свиреж.
Во неа учествуваа четири екипи: Дерби Каунти, Шефилд Венздеј, Ротерам Јунајтед и Викомб Вондерерс.
Поради негативната гол-разлика, Викомб беше само теоретски кандидат за опстанок, иако успеа да го совлада Мидлсброу со 0-3 и да го заземе првото место под цртата.
Од друга страна, на Ротерам му беше неопходна победа против Кардиф, а освен тоа, требаше да се надева на испуштени поени на Дерби.
Цели осумдесет минути, Ротерам го држеше опстанокот во рацете, благодарение на спектакуларниот гол на Луис Винг (8′) и на повеќекратното водство на Венздеј против Дерби.
Сепак, Ротерам беше исфрлен од равенката на две минути пред крајот, откако Марлон Пек (88′) му донесе бод на Кардиф.
Целата ситуација беше решена на ,,Прајд Парк” во Дерби, каде што ,,Овните” тешко изборија опстанок во вториот ранг со ремито од 3-3 против Шефилд Венздеј.
Љубителите на фактологијата, како причина за релегацијата на Венздеј, ќе го сметаат судијата Мајк Дин, кој последен пат им судеше на ,,Утките” во последното коло од сезоната 2009/10.
Венздеј, на тој меч, ремизираше со 2-2 против Кристал Палас и во директен дуел беше релегиран во Лиг 1 (потполно исто сценарио како и денес).
Имено, гостите од Шефилд поведоа со 0-1 против Дерби во судиското надополнување на првото полувреме со голот на Сем Хатчинсон (45+3′).
Во продолжение, за само три минути, Дерби направи целосен пресврт со погодокот на Мартин Вагхорн (49′) и со дебитантскиот гол на Патрик Робертс (52′).
Слично сценарио подготви и Шефилд Венздеј, кој ги искористи грешките на противничките дефанзивци преку Калум Патерсон (62′) и преку Јулијан Борнер (69′).
Од клучна важност за развојот на настаните во финишот беше фактот дека Ротерам и Кардиф завршија седум минути порано, а нивниот исход беше веќе познат.
Причина за доцнењето на мечот на ,,Прајд Парк” беше стравотниот удар во стативата на Вагхорн на стартот на мечот, кој резултираше со неколкуминутна пауза.
Сепак, Шкотланѓанецот се врати на теренот и освен што го постигна голот за 1-1, прецизно стрелаше од белата точка и во 78. минута за израмнување на 3-3.
Ремито им одговараше на ,,Овните”, кои до крајот применија дефанзивна тактика што се покажа како победоносна.
На спротивната страна на табелата, директна промоција во Премиер лигата изборија шампионот Норвич и вицешампионот Вотфорд, а во плејофот ќе се соочат Брентфорд – Барнмут и Свонси – Барнсли.



