По Вал Мустер, воведната локација на овогодинешното издание на Тур д ски, следуваше италијанскиот ски-центар Тоблах.
Овде, на вчерашната и на денешната програма беа трките на десет километри за жени, односно на петнаесет километри за мажи. Единствената разлика е тоа што првите беа хронометарски, а вторите беа потери базирани на вчерашните резултати.
Кај жените, Џеси Дигинс ја загуби својата почетна предност и накрај го зазеде третото место, иако заостануваше само 0,8 секунди. Во завршниот спринт, побрзи од Американката беа Јулија Ступак (29:24,7) и Еба Андерсон (+0,7). Во топ 5 се пласираа уште Роузи Бренан (+17,3) и Криста Пармакоски (+37,3).
Во машката конкуренција продолжи доминацијата на Александер Болшунов (34:32,9), односно на руските скијачи. Дури осум од првите деветмина беа репрезентативци на најголемата држава по површина во светот. Единствен ,,странец” беше шестопласираниот Морис Манифика (+1:01,4), додека Русите, од второто до деветтото место, беа наредени по следниот редослед: Иван Јакимушкин (+55,5), Евгениј Белов (+55,6), Алексеј Червоткин (+56,8), Андреј Мелниченко (+58,7), Денис Спитсов (+1:04,2), Артјом Малцев (+1:12,1) и Илија Семиков (+2:02,5).
📸 Vianney Thibaut/Nordic Focus



