
Третите овосезонски трки во спринт, од Светскиот куп во санкање, беа одржани денес во Сигулда, Летонија, каде што беа поставени рекорди на патеката во сите три конкуренции.
Во машка индивидуална конкуренција, актуелниот шампион, Феликс Лох (27,819), ја запиша првата овосезонска победа.
Вчерашниот победник, Кристерс Апарјодс (+0,014) беше второпласиран, а како трет заврши Доминик Фишналер (+0,071).
Во машките дублови, браќата Андрис и Јурис Шикс (31,157) го освоија првото место и го зголемија своето водство во вкупниот пласман.
На подиумот завршија Тони Егерт/Саша Бенекен (+0,021) и Тобијас Вендл/Тобијас Арлт (+0,069), а за само три илјадинки, без медал останаа Емануел Ридер и Симон Каинцвалднер (+0,072).
За првпат после една година, во женска конкуренција славеше Русинката Татјана Иванова (31,241).
Зад неа, на подиумот, се искачија Натали Гајзенбергер (+0,014) и Маделеине Егле (+0,031).




