Вториот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки се одржува во германскиот Алтенберг.
Во првата денешна трка учествуваа машките парови, кои се тркаа во две серии.
Претходниот викенд во Иглс, Австрија, во оваа конкуренција потполно издоминираа австриските санкачи Томас Штој и Лоренц Колер, кои победија и на долгото натпреварување и на спринтот.
Истото дуо ги пружи најдобрите санкачки перформанси и денес забележувајќи ја третата победа на трите овосезонски санкања.
Веднаш зад нив, со само осум илјадинки побавно време, се најдоа германските асови, Тони Егерт и Саша Бенекен, а подиумот го комплетираа Тобијас Вендл и Тобијас Арлт, кои заостануваа деветнаесет илјадинки во однос на победниците.
Пласманот во првите пет го заокружија браќата Андрис и Јурис Шикс (+0,148) од Летонија, како и Италијанците Лудвиг Ридер и Патрик Растнер (+0,316).



