Во денешното тринаесетто коло од англискиот Чемпионшип, тимот на Норвич ја запиша својата трета победа во низа, совладувајќи го Стоук со 2-3.
„Канаринците“, со новиот триумф, остануваат на првото место на табелата, коешто го добија во текот на изминатиот викенд после возбудливи случувања.
На денешниот меч, Норвич стекна капитална предност од 0-3 после неполн еден час игра. Двапати, стрелец за гостите беше реномираниот стрелец во Чемпионшип, Теему Пуки (27′, 57′), а првиот гол го заби Емилијано Буендија (18′). Токму Аргентинецот, иако на голот му додаде и една асистенција, за малку ќе беше трагичар за својот тим бидејќи доби два брзи жолти картони од 64. до 69. минута.
Само шеесет секунди по неговото напуштање на теренот, Стоук намали на 1-3 преку Тајрис Кемпбел, кој го постигна својот четврти погодок на последните три средби. До крајот, домаќините уште еднаш ја затресоа мрежата на Мајкл МекГаверн и тоа преку првиот сениорски погодок на Нејтан Мајкл Колинс (79′).