Во четиринаесеттото коло од тековната сезона на англиската Лиг 1, третиот меѓусебен досегашен натпревар го одиграа екипите на Бартон Албион и на Чарлтон Атлетик.
„Пиварите“ важеа за тотални аутсајдери на денешната средба, иако играа на домашниот „Пирели Стадиум“. Сепак, накрај успеаја да триумфираат со 4-2 и со тоа да прекинат две негативни серии – прва историска победа над Чарлтон и прва победа после дванаесет лигашки натпревари.
Имено, во пресрет на денешниот дуел, Бартон го заземаше последното место, со само една победа, остварена во првото коло над Акрингтон. Со новите три поени, „Жолтите“ скокнаа за две позиции, оставајќи ги зад себе Шрузбери и Виган. Од друга страна, Чарлтон докажа дека е еден од главните конкуренти за пласман во Чемпионшип, па и покрај денешниот пораз, остана во плејоф-зоната, заземајќи го шестото место.
Сите четири погодоци на Бартон против Чарлтон ги постигнаа различни играчи. Најпрво, за четириесет минути игра, аутсајдерите поведоа со 2-0 преку Лукас Ејкинс (9′) и Џоу Пауел (39′), а до крајот на полувремето, Пол Смајт (42′) намали на 2-1.
Осум минути после паузата, Сем Хјус зголеми на 3-1, а Чарлтон повторно го преполови својот заостаток, но овој пат благодарение на Чакс Анеке (67′). Конечниот резултат го постави Чарлс Вернам на четиринаесет минути пред крајот.