На петтото овосезонско натпреварување во машка конкуренција од Светскиот куп во санкање, Јоханес Лудвиг ја запиша третата победа.
Германецот ја помина патеката во Инсбрук за вкупно време од 1:39,605 минути и го зголеми своето водство во генералниот поредок.
Еден од победниците на последната трка, Волфганг Киндл (+0,049) ја освои втората позиција, а најниското место на пиедесталот му припадна на Италијанецот Доминик Фишналер (+0,275).
Во продолжение, браќата Нико и Давид Глајршер (+0,453) го поделија четвртото место, а по нив следуваа Русите Семјон Павличенко (+0,473) и Роман Репилов (+0,484).
Најголем трагичар беше Германецот Макс Лангенан, кој, иако беше четврт после првото санкање, поради грешка не ја заврши втората серија и остана без бодови.