
Италијанката Софија Гоџа ја запиша четвртата овосезонска победа, откако славеше на третиот спуст од новиот шампионат во Вал д’Изер, Франција.
Актуелната освојувачка на малиот кристален глобус ја помина патеката за време од 1:47,71 минути и го задржа стопроцентниот учинок во најбрзата дисциплина со седмата врзана победа.
Подиумот беше во потполност ист како и на првиот спуст во Лејк Луис, односно, зад Гоџа, завршија Бризи Џонсон (+0,27) и Мирјам Пухнер (+0,91).
Сите останати скијачки доцнеа над една секунда во однос на победничката, при што Рамона Зибенхофер (+1,33) и Илка Штухец (+1,37) завршија во топ 5.
Во продолжение, во првите десет се пласираа уште: Корин Сутер (+1,43), Рагнилд Мовинкел (+1,44), Никол Делаго (+1,45), Елена Куртони (+1,52) и Мишел Гизин (+1,61).