
Претпоследното натпреварување од Светскиот куп во нордиска комбинација, одржано во Лахти (Финска), не успеа да го даде со сигурност новиот шампион.
Имено, Јорген Граабак (+55,0) заврши како третопласиран и го презеде второто место во генералниот поредок со 96 поени минус во однос на лидерот Јоханес Лампартер.
Лампартер (+1:30,5), поради киксот во првата серија, мораше да се задоволи со единаесеттата позиција, која за четири бода го ,,скрати”, барем за еден ден, од првата титула во кариерата.
На трката, победник, по петти пат во низа, доколку се вбројува и СП 2023, беше Јарл Магнус Риибер (23:58,0), а второто место, за петти подиум во кариерата, го освои лидерот од скокачкиот дел – Естонецот Кристјан Илвес (+1,7).
За четири десетинки, без пиедестал остана Илка Херола (+55,4), а неговиот сонародник, Ееро Хирвонен (+1:00,4), го комплетираше пласманот во првите петмина.