
Репризата на минатогодишното полуфинале на Турскиот одбојкарски куп беше одиграна во четвртфиналето на истото натпреварување во тековната сезона.
Имено, Спор Тото повторно го порази Фенербахче и дојде на чекор поблиску до одбрана на титулата.
Составот од Истанбул, иако важеше за благ фаворит, ја продолжи негативната серија и загуби со убедливи 0-3 по третпат во низа во сите натпреварувања.
Последната победа на Фенербахче датира од 12 декември, кога беше подобар од денешниот ривал со 3-0.
На средбата од Турскиот куп, гостите беа убедливи во сите три сетови, кои гласеа 12-25, 21-25 и 18-25.
Инфериорноста на избраниците на Даниел Кастелани беше поткрепена со фактот дека најефикасните двајца одбојкари постигнаа вкупно петнаесет поени – Салвадор Хидалго Олива (9) и Ахмет Тумер (6).
Од друга страна, гостите имаа дури тројца двоцифрени играчи, односно Бурак Ѓунгор (11), Пол Бухегер (14) и Мортеза Шарифи (15).
Во полуфиналето, освен Спор Тото, се пласираа Зираат Банкаши и Галатасарај, а последниот патник ќе биде добиен од дуелот помеѓу Халкбанк и Аркасспор.