На денешниот митинг во Лозана, во склоп на Дијамантската лига, одржан на сред центарот на градот, имаше натпреварување само во една дисциплина – скок со стап.
Во женска конкуренција, најдобра беше Анџелика Бенгтсон со прескокнати 4,72 метри, за свој најдобар резултат сезонава. Британката Холи Бредшоу ја зазема втората позиција со 4,64 метри, а со иста прескокната, домашната натпреварувачка, Анжелика Мосер, се пласира на третото место.
Кај мажите, за првпат гледавме директен дуел помеѓу актуелниот рекордер во сала (Арманд Дуплантис), претходниот рекордер во сала (Рено Лавилени), актуелниот олимписки шампион (Тијаго Браж) и актуелниот светски шампион (Сем Кендрикс).
Лавилени заврши како четврти со успешно прескокнати 5,72 метри, по враќањето од повредата. Браж, со истата висина, заврши како трети, а вистинскиот спектакл се водеше помеѓу Дуплантис и Кендрикс.
Накрај, Кендрикс, со 6,02 метри, воедно негов најдобар скок сезонава, го освои второто место.
Дуплантис беше најдобар од сите со успешни 6,07 метри – висина што сруши пет рекорди: најдобар скок на отворено оваа сезона, рекорд на Дијамантската лига, рекорд на митингот, национален рекорд на Шведска и најдобар личен скок на отворено во кариерата. Швеѓанецот дури го нападна и светскиот рекорд на Сергеј Бубка од 6,14 метри, но се откажа по првиот обид поради неповолните временски услови.



