Третото издание на седумдневната трка низ Обединетите Арапски Емирати, ОАЕ Тур, ја отвори новата велосипедска сезона.
Имено, трката се одвиваше од 21 до 27 февруари низ територијата на ОАЕ, со завршен финиш во Абу Даби после 1044 извозени километри.
Накрај, до конечниот триумф дојде шампионот од минатогодишното издание на Тур д Франс, Словенецот Тадеј Погачар (24:00:28), кој воедно ја освои и белата маичка за најдобар млад возач.
Што се однесува до етапните победи, Сем Бенет славеше двапати, а по еднаш, први на целната линија беа Матје ван дер Поел, Филипо Гана, Тадеј Погачар, Јонас Вингегаард и Кејлеб Уан.
На четвртата етапа, Ирецот Сем Бенет, од редовите на ,,Декојнинк-Квик Степ”, ја запиша јубилејната 50. победа во кариерата, додека на шестата етапа, Бенет ја запиша својата втора победа на турот, а при завршниот спринт имаше просечна брзина од неверојатни 72,2 км/ч.
Првопласиран во поредокот за освоени поени беше Давид Декер, а црната маичка за најдобар спринтер му припадна на Тони Галопан.
Во вкупниот поредок, освен Погачар, во првите пет се пласираа Адам Јејтс (+0:35), Жоао Алмеида (+1:02), Крис Харпер (+1:42) и Нилсон Паулес (+1:45).
📸 Tim de Waele/Getty Images



