Четириесет и првото издание на светскиот куп во ски скокови беше предвремено завршено поради Коронавирусот. Имено, делегатите ги одложија последните три натпреварувања во машката конкуренција. Станува збор за двете скокалници во Норвешка што беа воедно и дел од „Роу Ер“ натпреварувањето – Трондхајм и Викерсунд, како и светското првенство во ски-летови во Планица.
До титулата дојде Штефан Крафт кој освои вкупно 1659 поени. 26-годишниот Австријанец по втор пат во кариерата го освои најпрестижното натпреварување во овој спорт, а оваа сезона забележа пет победи и петнаесет пласмани на подиумот. Зад него, на подиумот беа Карл Гајгер и Рјоју Кобајаши, а во најдобрите пет завршија и Полјаците Давид Кубацки и Камил Штох. Пласманот во најдобрите десет го заокружија Штефан Лаје, Мариус Линдвик, Петер Превц, Даниел Андре Танде и Филип Ашенвалд. Крафт заврши и првопласиран на табелата за ски-летовите, а Германија беше најдобра во тимскиот поредок.
Новогодишната турнеја, по прв пат во кариерата, ја освои Кубацки, а неговиот сонародник, Камил Штох, го освои „Роу Ер“. Останатите две мини-натпреварувања, „Титизее-Нојштад 5“ и „Вилинген 5“, ги освоија Рјоју Кобајаши и Штефан Лаје.



