Браќата Филипо и Симоне Инѕаги се доста познати во спортската јавност, пред сè поради играчките кариери.
Сепак, во 2014, Филипо стана тренер на првиот тим на Милан, а две години подоцна, по истите стапки тргна и Симоне, преземајќи го кормилото на Лацио.
Помладиот брат остана на истата позиција сè до ден денес, додека Филипо, во меѓувреме ги предводеше Венеција и Болоња, пред да потпише со Беневенто во 2019.
Во досегашните тренерски кариери, двајцата браќа се соочија еднаш во рамките на 18. коло од Серија А на 26 декември 2018, кога Лацио ја победи Болоња со 0-2.
Нивниот втор меѓусебен дуел беше одигран денес на ,,Чиро Вигорито” помеѓу Беневенто и Лацио.
Двете екипи, во пресрет на оваа средба, се соочија на овој стадион само еднаш во досегашната историја, на 29 октомври 2017, кога Лацио триумфираше со 1-5.
Овој пат, браќата ремизираа со 1-1, благодарение на головите постигнати во првото полувреме. Најпрво, Лацио поведе преку Чиро Имобиле (25′), а во последната минута од првиот дел, Пасквале Скјатарела го постигна својот дебитантски гол во дресот на Беневенто. Истиот играч, во судиското продолжение на второто полувреме, доби директен црвен картон.
После денешниот меч, Лацио е осми со осумнаесет поени, додека Беневенто е тринаесетти со дванаесет бодови.



