Дербито на 19. коло од англискиот Чемпионшип го одиграа екипите на Вотфорд и на Брентфорд.
Ова беше нивен прв меѓусебен лигашки дуел после февруари 2015 и истиот заврши нерешено со 1-1.
По неефикасното прво полувреме, следуваше возбудливото второ, кое дефанзивецот на Брентфорд, Итан Пинок, го отвори со директен црвен картон во 58. минута. Следствено на тоа, Трој Дини од пенал му донесе почетно водство на Вотфорд, кој дотогаш беше инфериорен тим на теренот.
Само три минути подоцна, Брентфорд со десетмина успеа да израмни, откако најдобриот стрелец во лигата, Ајван Тони, од пенал го совлада Бен Фостер за конечни 1-1.
За Тони, ова беше шеснаесетти погодок на деветнаесет мечеви, односно два повече во однос на најблискиот конкурент од редовите на Блекбурн – Адам Армстронг.
После денешната средба и двете екипи остануваат во плејоф-зоната, заземајќи ги третото и шестото место.



