
Денешната програма од Светското првенство во крос-кантри во Планица (Словенија) се состоеше од јубилејните десетти трки во тимски спринтови.
Во женска конкуренција, до третата светска титула во низа дојде селекцијата на Шведска (19:40,7) за која настапија Ема Рибом и Јона Сундлинг.
До самиот финиш, притисок на старо-новите шампионки им правеа Норвежанките Ане Шерсти Калваа и Тирил Уднес Венг (+2,4), а бронза освоија Американките Џеси Дигинс и Џулија Керн (+5,3).
Слична беше и ситуацијата при врвот кај мажите, каде што третата последователна титула ја освои Норвешка (17:28,1) преку Паал Голберг и Јоханес Клебо.
Неизвесен финиш приреди Федерико Пелегрино, кој заедно со Франческо Де Фабијани и’ донесе сребро на Италија (+2,5), а позади нив се пласираше Франција, односно Рено Же и Ришар Жув (+16,5).