
На денешната програма од Светскиот куп во крос-кантри во италијанскиот Ливињо беа првите тимски спринтови во тековната сезона.
Во женска конкуренција, по вчерашниот хет-трик, очекувана беше и двојна шведска победа.
Имено, Шведска 2 (8:31,89), односно Лин Сван и Маја Далквист, славеше пред Шведска 1 (+0,73) и пред САД 1 (+1,05), а за 45 стотинки, без медал остана Германија 1 (+1,46).
За второпласираната селекција настапија Ема Рибом и Јона Сундлинг, додека боите на американската репрезентација ги бранеа Џулија Керн и Роузи Бренан.
Кај мажите, од позадина, Франција 1 (11:46,1) дојде до победата, претекнувајќи ја Италија 1 (+0,44), додека на третото место заврши првата постава на Швајцарија (+2,62).
За победничката држава скијаа Рено Же и Ришар Жув, за Италијанците – Франческо Де Фабијани и Федерико Пелегрино, а за третиот тим – Јаник Рибли и Валерио Гронд.