
Светското првенство во алпско скијање во машка конкуренција заврши на сензационален начин.
Имено, на слаломот во Куршевел (Франција), до третиот светски медал во кариерата дојде Хенрик Кристоферсен (1:39,50), кој напредна цели петнаесет позиции во однос на првата серија.
Најголемото изненадување го приреди Еј Џеј Гинис (+0,20), одбранувајќи ја втората позиција од првиот дел и донесувајќи и’ историско сребро на Грција.
На третата позиција заврши Алекс Винатцер (+0,38), кој го освои првото одличје за Италија во машка конкуренција на СП 2023.
За само три стотинки, без пиедестал остана Клеман Ноел (+0,41), а најдобар Германец беше Себастијан Холцман (+0,62) на петтото место.
Лидерот после првата серија, Мануел Фелер (+0,67), го подели седмото место со Лукас Бротен (+0,67), а пред нив беше најдобриот денешен Австриец – Марко Шварц (+0,65).
За австриското скијање, ова е првото Светско првенство без златен медал и во машка и во женска конкуренција после 1987.