
Претпоследниот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки се одвиваше во Ст. Моритц, Швајцарија.
Истиот помина целосно во знакот на Германија, која забележа победа на сите пет трки.
Кај мажите, Макс Лангенан (2:13,596) триумфираше по петти пат во низа пред својот сонародник Феликс Лох (+0,011) и пред Кристерс Апарјодс (+0,319).
Од женските дублови, Џесика Дегенхардт и Шејен Розентал (1:49,577) ги натсанкаа лидерките во генералниот пласман, Андреа Фетер и Марион Оберхофер (+0,002) како и третопласираните Викторија Зиедина и Селина Звилна (+0,126), кои се искачија на пиедесталот за првпат во кариерата.
Во машки двојки, првите три места беа идентични како и на претходната трка во Винтерберг, а на нив се најдоа Тобијас Вендл/Тобијас Арлт (1:47,183), Тони Егерт/Саша Бенекен (+0,045) и Мартинш Ботс/Робертс Плуме (+0,241).
Кај женскиот индивидуал, подиумот го пополнија трите сонароднички, односно Дајана Ајтбергер (1:48,396), Јулија Таубитц (+0,010) и Ана Берајтер (+0,071).
За крај, германската штафета (2:51,301) славеше по вторпат сезонава, оставајќи ги зад себе селекциите на САД (+0,254) и на Австрија (+0,415).
Состав:
Германија: Дајана Ајтбергер, Макс Лангенан, Тобијас Вендл/Тобијас Арлт
САД: Емили Свини, Такер Вест, Захари Ди Грегорио/Шон Холандер
Австрија: Маделен Егле, Доминик Фишналер, Томас Штој/Лоренц Колер