Седмиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки по вторпат се одвиваше во германскиот Оберхоф.
На денешната програма беше седмата трка во две серии во машка индивидуална конкуренција, односно деветта во сезоната, доколку се бројат и двата спринтови од Инсбрук и од Винтерберг.
Како и на сите трки досега во тековната сезона, така и денес, победи Германецот Феликс Лох (1:25,380), кој водеше и после првата серија.
Во однос на првото санкање, Јонас Милер (+0,247) си ја задржа втората позиција, а пласманот од третиот до петтиот натпреварувач доживеа неколку промени.
Накрај, на најниското место на подиумот застана Давид Глајршер (+0,443), а по него следуваше германското дуо, составено од Јоханес Лудвиг (+0,452) и од Макс Лангенан (+0,467).
Во првите десет се пласираа уште: Роман Репилов (+0,525), Гинтс Берзинс (+0,641), Семјон Павличенко (+0,689), Волфганг Киндл (+0,715) и Доминик Фишналер (+0,790).
📸 Alexander Hassenstein/Getty Images