Засега анонимен играч од англиската Премиер лига, преку отворено писмо објавено на англискиот портал „Сан“, се огласи за својата сексуална определба и ги посочи проблемите со коишто се соочува.
„Јас сум геј. Дури и да го напишам тоа во ова писмо е голем чекор за мене. Само членовите на мојата фамилија и малкумина мои пријатели го знаат тоа. Не се чувствувам подготвено да го споделам тоа со моите соиграчи или со мојот тренер. Тоа е тешко. Претежно го поминувам мојот живот со овие луѓе и кога излегуваме на терен сме како една екипа. Сепак, има нешто што не ми дозволува отворено да им кажам што чувствувам.“
„Искрено се надевам дека еден ден ќе бидам способен да им го кажам тоа. Со секој поминат ден, ситуацијата станува сè поголем кошмар. Се чувствувам како да сум во стапица и страв ми е да не ја издадат целата вистина и работите само да се влошат. Иако моето срце ми вика дека имам потреба да им кажам, сепак мојата глава секогаш ми вели: „Зошто да ризикуваш да изгубиш сè?“. Вистината, според мене, е дека фудбалскиот свет сè уште не е подготвен за некој играч јавно да направи „каминг аут“ [да се огласи за својата сексуална определба]. Мојот план е да се откажам од кариерата и да ја кажам вистината. Со сигурност би ги прокоцкал моите млади години што би биле профитабилни за мојата иднина, но внатрешниот мир не може да се купи.