Втората трка во овогодишната Ф1 сезона се одржа на исто место како и првата – Шпилберг, Австрија. Единствена разлика е тоа што втората трка ќе биде трка за големата награда на Штаерска – областа каде што се наоѓа патеката.
На денешните квалификации преовладуваше дождливото време. Тоа дополнително им ја отежни работата на ,,Ферари” кои по вторпат во низа влегоа во третата сесија со само еден возач. Имено, Леклер ги заврши своите квалификации на единаесеттото место, а неговиот клупски колега, Себастијан Фетел, беше само едно место подобар. Од денешното возење, задоволни можат да бидат членовите на ,,Вилијамс” кои за првпат по бразилското гран-при (11 ноември 2018) имаа возач во втората сесија. Станува збор за Џорџ Расел – момчето кое ќе стартува од дванаесеттата позиција.
Третата квалификациска сесија донесе најголеми возбудувања. Имено, до пол-позицијата стигна Луис Хамилтон, кој со доминантно возење, но и малку среќа во завршницата, успеа да го остави зад себе Макс Ферстапен. На одличното трето место заврши идниот возач на ,,Ферари” – Карлос Саинц. Победникот на првата трка, Валтери Ботас, ја освои четвртата позиција. Од првите пет стартни редови, утрешната трка ќе ја започнат и Окон, Норис, Албон, Гасли, Рикијардо и Фетел.