Познатиот ,,Боксинг Деј” ја пренесува долгата англиска традиција на играње фудбал на денот после католичкиот Божиќ.
Во рамките на 20. коло од Лиг 2, традиционалниот ден го донесе големото ривалство наречено ,,дерби на Есекс” помеѓу Колчестер и Саутенд.
Саутенд се наоѓа во исклучително тешка позиција, како на теренот, така и надвор од него, заземајќи го претпоследното место по минатосезонската релегација од Лиг 1. Од друга страна, Колчестер се бори за промоција, бркајќи го вториот плејоф во низа.
Нивното денешно 81. меѓусебно дерби заврши со 2-0 во корист на аутсајдерот, кој му го препушти дното на Стивениџ, пред сè поради тековната серија од пет мечеви без пораз.
Имено, Саутенд триумфираше изненадувачки со капиталната предност стекната уште во првото полувреме преку Симеон Акинола (10′) и Тимоти Диенг (22′). И за двајцата фудбалери, денешните погодоци беа први во сезоната.