Вториот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во ски скокови беше одржан во Рука, Финска.
На квалификациите во петок, триумфираше Давид Кубацки, додека на вчерашното индивидуално натпреварување, по вторпат во низа, најдобар беше Маркус Ајзенбихлер.
Сепак, овде отсуствуваа најдобрите австриски и руски скокачи, кои мораа да бидат изолирани поради неколку позитивни тестови на КОВИД-19. Од истата причина, денес ги немаше ни Чесите, поради позитивниот тест на Филип Сакала.
На новите денешни квалификации немаше големи изненадувања, освен отпаѓањето на Клеменс Муранка, кој вчера беше деветти.
Во првата серија, Ајзенбихлер беше единствен со скок над 140 метри, доволен за убедливо прво место. Роберт Јохансон, Анже Ланишек и Халвор Егнер Гранеруд ги заземаа наредните три места, а петтата позиција ја поделија Карл Гајгер и одличниот Арти Аигро. Солидни скокови имаа неколку неочекувани новајлии: Џовани Бресадола (11.), Кејси Ларсон (21.) и Тимон-Паскал Кахофер (25.). Неколку сигурни скокачи не изборија пласман во втората рунда, помеѓу кои се наоѓаат и Мариус Линдвик, Анже Семенич, Андреас Велингер, Анти Аалто и Тилен Бартол.
Во втората серија, новајлиите, заедно со Аигро, колективно потфрлија. Како лошо издание се сметаше и лошиот втор скок на Ајзенбихлер, кој заврши втор, само поради одличната прва серија.
До првата победа во кариерата стигна Гранеруд, со втор скок од 141 метар. Давид Кубацки го комплетираше денешниот подиум, а на четвртото место заврши Јукија Сато, кој, со скокот од 146 метри, напредна девет позиции. Пласман во првите десетмина завележаа уште: Јохан Андре Форфанг, Роберт Јохансон, Камил Штох, Карл Гајгер, Северин Фројнд и Анже Ланишек.



