Трката за големата награда на Бахреин беше вкупно петнаесетта трка во тековната сезона.
Истата започна со стравотното излетување и експлозијата на болидот на Ромен Грожан, кој за среќа помина само со благи изгореници на дланките и на глуждовите. Инцидентот резултираше со црвено знаме и со прекин на трката.
После речиси еден час, возачите се вратија на патеката и стартуваа според редоследот што го заземаа во моментот на прекинувањето.
Уште во првиот круг, Ленс Строл имаше контакт со Даниил Квјат, истиот возач што беше инволвиран и во инцидентот на Грожан, по што целосно се преврте со својот болид.
Во продолжение следуваше мирна трка, предводена од старо-новиот шампион, Луис Хамилтон, кој ја запиша 95. победа во кариерата.
На само два круга до крајот, лоша среќа имаше и вториот возач на ,,Рејсинг Поинт”, Серхио Перез, кој беше третопласиран, но мораше да се паркира поради запалување на моторот.
До крајот, трката ја водеше безбедносното возило што им отиде во прилог на ,,Ред Бул”, кои имаа двајца претставници на подиумот – Макс Ферстапен и Александер Албон. За Албон, ова беше втор подиум во кариерата во Ф1.
Солидна трка имаа и возачите на ,,МекЛарен”, Ландо Норис и Карлос Саинц, кои следуваа веднаш после дуото на ,,Ред Бул”. Освен нив, поени освоија уште Гасли, Рикардо, Ботас, Окон и Леклер.