Денес, во Белград, Партизан и Морнар ги одмерија силите во рамките на 22. коло од балканската АБА Лига.
Накрај, српските претставници победија со резултат од 83-75, иако зачудувачки имаа аутсајдерска улога, поради седумте лигашки порази во низа.
Имено, за Партизан ова беше прв триумф во АБА Лигата после 3 јануари, кога го совладаа Сплит со 74-86, односно прво домашно славје во првенството после 12 декември 2020, кога со 79-77 беше поразен тимот на Мега Сокербет.
На денешната пресметка, на ,,Црно-белите” им појде од рака она што им претставуваше голем проблем во претходните мечеви – шутот за три поени (11/23; 47,8%).
Од друга страна, Морнар имаше доста прокоцкани прилики, особено на преминот помеѓу третата и четвртата четвртина.
Во претходниот дел од натпреварот, резултатската позитива постојано варираше, со максимални +6 во корист на домашниот состав.
Од редовите на победничкиот тим, најефикасен беше Рашон Томас со дабл-дабл од 18 поени и од 13 скокови.
Освен него, важен придонес имаа Маркус Пејџ (14 поени), Огњен Јарамаз (11 поени), Џош Перкинс (11 поени) и повратникот во тимот – Вил Мозли (10 поени).
Од друга страна, најмногу кошеви за Морнар постигнаа Тејлор Смит (15) и Џони Хамилтон (11).
На табелата, клубот од Бар (17-5), останува на првото место со натпревар повеќе во однос на конкурентите, додека Партизан (8-13) скокна до седмото место.
📸 mondo.rs



