Триесетгодишната германска алпска скијачка, Викторија Ребенсбург, официјално соопшти дека се повлекува од овој спорт и го најави своето пензионирање.
,,Драги пријатели и навивачи, денес дефинитивно е тежок ден за мене. После тринаесет години, одлучив да ја завршам мојата кариера. За ова се одлучив со тешко срце и после многу размислување во изминатите неколку недели.” – соопшти Германката на својот Твитер профил.
,,После повредата во пролет и тренинзите на снег во претходните два месеци, сфатив дека веќе нема да можам да го достигнам моето највисоко ниво.” – додаде Ребенсбург во врска со причината за пензионирањето.
Германката имаше деветнаесет победи во Светскиот куп, од кои дури четиринаесет во велеслалом, придружени со осумнаесет втори и дванаесет трети места.
Во омилената дисциплина – велеслалом – Ребенсбург беше олимписка шампионка во 2010 во Ванкувер и третопласирана на ЗОИ 2014 во Сочи. Во истата дисциплина, беше светска вицешампионка во 2015 и во 2019.
Ребенсбург го освои кристалниот глобус во велеслалом во 2011, во 2012 и во 2018, а најдобар пласман во генералниот поредок во Светскиот куп и’ беше третото место во 2016 и во 2018.