Поранешниот австралиски репрезентативец, Хари Кјуел, ја имаше својата најнезгодна епизода од тренерската кариера.
Имено, екс фудбалерот на Лидс Јунајтед и на Ливерпул доби отказ од англискиот петтолигаш Барнет после само седум лигашки натпревари, а со него замина и асистентот Пол Батлер.
Кјуел седна на клупата на клубот од Лондон на 10 јуни, а своето деби го имаше на 21 август во поразот од Нотс Каунти од 0-5 во првото коло од Националната лига.
После седум кола, Барнет се наоѓа на претпоследната позиција со гол-разлика од 7-19, откако запиша две ремија и пет порази.
,,Јасно беше дека Хари [Кјуел] сакаше да има позитивно влијание врз клубот, но сепак резултатите и лошиот старт на сезоната ја донесоа нашата одлука… Би сакал да им се заблагодарам на Хари и на Пол [Батлер] за трудот за време на нивниот престој на ,,Хајв Стадиум” и им посакувам успешна иднина.”
,,Планот за оваа сезона беше Барнет да се бори за горната половина на табелата, а тоа и понатаму останува наша цел… Отсега, клубот ќе го започне процесот за барање на замена и ќе даде известување кога сè ќе биде комплетирано.” – се огласи извршниот директор на Барнет – Дин Бренан.