
После седум одиграни кола од новата сезона на англискиот Чемпионшип, Нотингем Форест имаше едно реми и дури шест порази.
Цената за лошата форма на ,,Шумарите” ја плати тренерот Крис Хјутон, кој доби отказ после поразот од Мидлсброу со 0-2.
Денес, официјално беше претставен новиот кормилар на поранешните англиски шампиони, Стив Купер, кој потпиша двегодишен договор.
Купер е роден на 10 декември 1979 во Понтиприд, Велс, а своите играчки денови ги помина во својата татковина, бранејќи ги боите на: Рексам, ТНС, Рил, Бангор Сити и Портмадог.
Сепак, иако беше играч, Велшанецот во исто време се бавеше и со тренерската дејност, предводејќи ги младинските категории на Рексам.
Од 2008 до 2019, Купер седеше на клупата на младинците на Ливерпул, како и на У16 и на У17 селекциите на Англија.
Своето деби како професионален тренер го имаше во Свонси, каде што во две последователни сезони (2019/20 и 2020/21) стигна до плејофот на англиската втора лига.
,,Стив беше нашата прва опција за нов тренер и ние сме многу задоволни што ги обезбедивме неговите услуги. Неговото искуство со развивање на млади таленти е навистина исклучително.” – рече извршниот директор на Нотингем Форест – Дејн Марфи.



