
Најдобриот стрелец во англиската Национална лига, Кабонго Тшиманга, кој ги брани боите на Честерфилд, доживеа повреда на 12 февруари.
Во првите дваесет и седум кола, во кои Англичанецот постигна дваесет и четири голови, Честерфилд се наоѓаше на врвот на табелата со учинок од петнаесет победи, десет ремија и само два порази.
Од моментот кога Тшиманга замина на принудна пауза, клубот од ,,Техник Стадиум” одигра дванаесет мечеви и запиша само четири триумфи, три нерешени средби и пет загуби.
Последниот загубен меч, популарните ,,Спирајтс” го доживеаја во дербито на четириесет и првото коло од страна на Халифакс, кој славеше со 2-0.
Халифакс дојде до славје со ,,блицкриг” од три минути во кој, до десеттиот, односно до дванаесеттиот погодок во сезоната дојдоа Џордан Слу (77′) и Метју Ворбартон (80′).
На овој натпревар, избраниците на Пит Вајлд само ја потврдија својата доминација на домашен терен во тековната сезона.
Имено, ,,Шејмен” пред своите навивачи одиграа дваесет средби и запишаа шеснаесет победи, едно реми и само три порази, освојувајќи четириесет и девет од максималните шеесет поени.
На табелата, Халифакс скокна на третото место, додека Честерфилд падна на петтата позиција.