Увертирата на 38. коло од англиската Лиг 1 ја одиграа две екипи што се борат за промоција, односно Оксфорд Јунајтед и Линколн.
Нивната пресметка заврши со резултат од 2-1 во корист на домаќините од Оксфорд.
Имено, Линколн поведе уште во 4. минута со седмиот овосезонски лигашки погодок на Ентони Скали.
Во тој момент, момците на Мајкл Еплтон важеа за големи фаворити, земајќи го предвид фактот дека фудбалерите на Оксфорд Јунајтед постигнуваа по 0,77 голови по натпревар во просек на домашен терен.
Сепак, претставниците на универзитетскиот град покажаа натпросечни перформанси и ја ,,уловија” победата.
Заслужен за израмнувачкиот погодок беше Ентони Форд (29′), кој влезе во игра само две минути претходно, заменувајќи го повредениот Џош Рафелс.
Во второто полувреме, пресврт на домаќините им донесе нивниот најдобар стрелец, Мет Тејлор (57′), кој се запиша во листата на стрелците по 14. пат сезонава.
Кај Линколн, поради повреда, недостасуваа двајцата водечки голгетери, Џорџ Грант и Том Хупер, а на клупата, освен резервниот голман, Сем Лонг, имаше само уште пет фудбалери.
Со новите три поени, Оксфорд Јунајтед скокна на седмото место на табелата, додека Линколн остана на четвртата позиција со само една победа на последните девет средби.
📸 Warren Little/Getty Images



