Двајца квалитетни мотоциклисти од Мото 2 категоријата, наредната сезона ќе се натпреваруваат во ,,кралската” класа.
Имено, полубратот на Валентино Роси, Лука Марини и неговиот сонародник што е конкурент за титулата, Енеа Бастијанини, од наредната година ќе возат во МотоГП.
За нивно задоволство, тимот што ќе им даде возачко место на двајцата Италијанци е ,,Еспонсорама Рејсинг”, кој веќе склучи договор со ,,ВР46 Академи Рајдерс”. Истиот, ќе му овозможи на Марини повторно да вози со препознатливиот комбинезон, претставувајќи ја академијата на својот полубрат.
Освен во МотоГП, ,,Еспонсорама Рејсинг” доведе засилување и во Мото 3 во името на Николо Антонели.
,,Сонот на секој возач е да се натпреварува во МотоГП, а уште подобро е да се сподели таа прилика со ,,Скај Рејсинг Тим ВР46″, со ,,Еспонсорама Рејсинг” и со ,,Дукати”. Во последните години, заедно со тимот, собрав искуство, пораснав и ги освоив првите значајни резултати. Сега сме во пресвртната фаза на сезоната и ќе продолжиме да работиме напорно за да ја оствариме максималната цел пред да го направиме овој голем чекор.” – се огласи Марини.
,,Среќен сум што ќе одам во МотоГП со ,,Еспонсорама Рејсинг” и со ,,Дукати”. Сега треба да се насочам кон крајот на сезоната, бидејќи сакам да бидам шампион [во Мото 2], иако знам дека тоа нема да биде лесно. Наредната сезона, неколку возачи ќе дебитираат во МотоГП, ќе почнеме заедно нова авантура со најбрзите возачи во светот и мислам дека, заедно со мојот тим, ќе успеам да остварам добри резултати.” – изјави Бастијанини за официјалниот сајт на МотоГП.