Австралија и Нов Зеланд важат за едни од најквалитетните светски селекции кога е во прашање рагбито.
Двете земји од Пацификот се големи ривали и го крунисуваат своето ривалство со Бледислоу Куп.
Имено, станува збор за серија од меѓусебни натпревари што се одржува уште од 1932, со исклучок на неколку години.
Овогодинешното издание се состоеше од четири средби. После воведното реми (16-16), наредните две партии ги доби Нов Зеланд со 27-7 и со 5-43, за вкупно 48. титула.
Денес беше одигран четвртиот меч, на којшто Австралија запиша почесна победа, со резултат од 24-22.
На полувремето, екипите беа изедначени (8-8), со по еден есеј и по еден пенал, како и по еден добиен црвен картон.
Во вториот дел, Нов Зеланд водеше во еден момент со 11-15, пред капиталната серија на Австралија од 13-0, за водство од 24-15. Во последните минути, ,,Ол Блекс” забележија почесен есеј за поставување на конечниот резултат.
Поентери за Австралија преку полагање беа дебитантот Том Рајт и Таниела Тупу, а останатите поени, преку шутирања, ги донесе Рис Хоџ. Од друга страна, за Нов Зеланд релативно успешно шутираше Џорди Берет, а есеи постигнаа Риеко Иоане, Коди Тејлор и Тупу Ваа’и.