Екипата на Јокерит од Хелсинки е стандарден член на КХЛ, втората најквалитетна хокеарска лига во светот, уште од 2013 година. Претставниците на Финска, оваа сезона, завршија на третото место во Западната конференција и изборија пласман во плејофот. Во осмина-финалето беа подобри од Локомотив Јарослављ кого го поразија со вкупни 4-2. Во четврт-финалето требаше да се соочат против моќната екипа на СКА од Санкт Петербург што воедно ќе беше нивен прв меѓусебен дуел во доигрувањето. Сепак, на овој момент ќе треба да се почека уште најмалку една сезона имајќи во предвид дека Јокерит се повлече од плејофот. Од овој епилог, најголема корист имаше токму СКА којашто директно се пласира во конференциското финале каде ќе го чека подобриот од ЦСКА и Динамо Москва. Како причина за повлекување од плејофот, Јокерит го посочува Коронавирусот кој сè повеќе се шири во Финска и во светот.
„Јокерит требаше да игра против СКА во втората рунда од плејофот за Гагарин купот што требаше да почне на 17 март. После долгите разговори помеѓу челниците на клубот, докторите и играчите, се донесе одлука тимот да не патува во Ст. Петербург и да се повлече од плејофот. Одлуката беше базирана на грижата за играчите и стручниот штаб како и на намалувањето на ширењето на Коронавирусот по препораките дадени од владата и претставниците на финскиот институт за здравство.“ – гласеше во главниот извадок од изјавата на Јокерит објавена на официјалниот Твитер профил.



