Поранешниот двократен светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, после речиси две години од своето пензионирање ќе се врати во најбрзиот тркачки циклус од наредната сезона. Шпанецот ќе го вози болидот на „Рено“ – тимот со којшто ги освои двете титули во 2005 и 2006. Засега, сè уште не е објавена временската должина на договорот, но според разни сознанија, најверојатно Алонсо ќе го вози англиско-францускиот болид две сезони.
Алонсо ќе дојде во „Рено“ како замена за Даниел Рикијардо кој по тековната сезона ќе се пресели во „МекЛарен“. Доколку сè остане исто, тимски колега на Шпанецот ќе биде Естебан Окон.
„Горд сум и со силни емоции се враќам во тимот што ми даде шанса на почетокот на мојата кариера и што сега ми дава можност да се вратам на највисоко ниво.“ – истакна Алонсо.