Екипите на Аталанта и на Рома го одиграа дербито на 13. коло во италијанската Серија А.
Истото заврши со 4-1 во корист на домаќините од Бергамо, кои по третпат во низа триумфираат над денешниот противник.
Един Џеко (3′) им донесе рано водство на Римјаните, а неговиот петти гол сезонава беше единствен во првото полувреме.
Во вториот дел, Аталанта покажа неверојатна игра и четири пати ја затресе мрежата на Антонио Миранте. Стрелци за клубот од северна Италија беа Дуван Запата (59′), Робин Госенс (70′), Луис Муриел (72′) и Јосип Иличиќ (85′). Словенецот, освен последниот погодок, имаше уште две асистенции при првите две поентирања на својот тим.
И покрај поразот, Рома остана на четвртото место, додека Аталанта е седма, со натпревар помалку во однос на конкурентите.



