Денес беше одржан четвртиот настан од овогодинешното Светско првенство во крос-кантри во женска конкуренција, кој всушност беше поединечна трка на десет километри.
Очекувано, до дванаесеттото светско злато во кариерата дојде Норвежанката Терезе Јохауг, која потполно ја натскија конкуренцијата со време од 23:09,8 минути.
Практично, подиумот беше потполно ист како и на изминатиот скијатлон, со тоа што среброто го освои Швеѓанката Фрида Карлсон (+54,2), а нејзината сонародничка, Еба Андерсон (+1:06,9) се закити со бронза.
Водечката во генералниот пласман на Светскиот куп, Џеси Дигинс (+1:12,0), го освои четвртото место, додека најбрза од Русинките беше петтопласираната Татјана Сорина (+1:13,8).
Освен наведените скијачки,во првите десет се пласираа уште: Шарлот Кала (+1:16,3), Рагнилд Хага (+1:25,9), Хелене Марие Фосесхолм (+1:41,0), Тереза Штадлобер (+1:42,2) и Риита-Лииза Ропонен (+1:43,9).
📸 Matthias Hangst/Getty Images