
Во рамките на дваесеттото коло од северноирскиот Премиершип се соочија двата најтрофејни клубови од северниот дел на ,,Смарагдниот остров”.
Имено, по 467. пат во историјата, силите ги одмерија градските ривали од Белфаст, Линфилд и Гленторан, кои го сочинуваат дербито на големата двојка, наречено ,,Бел Класико”.
Денес, двете екипи, по 109. пат досега, ремизираа на теренот, откако резултатот гласеше 1-1.
Линфилд стекна почетно водство во првото полувреме, кога во листата на стрелците се запиша 19-годишниот Треј Хјум (36′).
Во 61. минута, номиналните гости останаа со десетмина на теренот, откако првиот црвен картон во сениорската кариера го доби напаѓачот Конор МекМенамин.
Сепак, иако имаа играчки дефицит, фудбалерите на Гленторан успеаја да изедначат на 1-1 преку најдобриот стрелец во лигата – Џеј Доноли (72′).
Северноирецот стигна до својот 18. овосезонски погодок, откако успеа да реализира само еден од вкупните три шутеви на својот состав.
На табелата, двете екипи имаат по 43 поени и ги заземаат првите две позиции.